Реклама

(ВИДЕО) Иако е неработен ден, вработени во велешката конфекција „Ју Ка“ на работа и денеска

Првата смена вработени од велешката конфекција „Ју Ка“ утрово дојде на работа. Иако е неработен ден поради вчерашниот празник 24 Мај – Денот на просветителите и полициски час поради епидемијата од коронавирус, конфекцијата денеска работеше. До редакцијата на Батали.нет пристигна видео снимка, направена утрово околу 6 часот, на која се гледаат вработените од „Ју Ка“, како пеш пристигнуваат на работа.

Zito akcija 640x289px

Вработени со кои Батали.нет контактираше, велат дека конфекцијата не работи во полн капацитет, туку на работа одат околу 60 проценти од вработените.

Agria

Конфекцијата „Ју Ка“ важеше за еден од кластерите со кои се поврзуваат повеќе заразени велешани со коронавирус. Откако пред еден месец се појавија првите заразени вработени, дел од работниците коментираа дека на оние кои покажувале симптоми на вирусот, не им било дозволено да отсуствуваат од работа. Тогаш, сопственикот на фабриката Трајче Димитриевски ги дематираше таквите обвинувања и рече дека е разочаран што некои негови вработени не ја кажуваат вистината.

Денеска тој не сакаше да коментира ништо. Во краткиот телефонски разговор, запрашан дали фабриката работи, само кусо одговори: „Не сакам да давам изјави за јавност“. Затоа, јавноста остана покуса за одговорите каква е епидемиолошката слика во конфекцијата, дали постојат безбедни услови за работа на вработените и дали тие ќе добијат празнична дневница за работа на државен празник.

На една од последните прес конференции, градоначалникот на Велес Аце Коцевски рече дека според негови информации, државни надлежни институции отвориле постапка и ќе вршат контрола на работењето на велешката конфекција „Ју Ка“.

Велес трет ден по ред нема нови заразени со коронавирус. Од почетокот на епидемијата досега се инфицираа 127 граѓани, од кои дваесетина се поврзуваат со кластерот на конфекцијата „Ју Ка“. Повеќе од 60 проценти од вкупниот број заразени велешани оздравеа. Во моментов вирусот е присутен кај 41 граѓанин, а осуммина починаа.