Научен собир по повод 80-годишнината од објавувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“ ќе се одржи денеска во селото Горно Врановци, Општина Чашка. Настанот, кој е под покровителство на Општина Чашка и организиран од Институтот за национална историја и Матицата на иселениците од Македонија, ќе обедини македонски историчари и долгогодишни новинари кои ќе презентираат трудови за историјата и улогата на овој важен печатен медиум.
На собирот ќе присуствуваат и иселеници од Измир, Турција, со потекло од Горно Врановци, кои ќе ја дадат својата поддршка на настанот.
„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, основан со одлука на Президиумот на АСНОМ, а првиот број беше објавен на 29 октомври 1944 година во Горно Врановци, каде што и денес се наоѓа оригиналната печатница, претворена во музеј посветен на македонското новинарство.