Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека платите на функционерите нема да се зголемат со усогласувањето со минималната плата на почетокот на следната година.
„Едно е сигурно. Покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите,“ рече премиерот пред почетокот на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје, која е насловена: „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија.“
Во меѓувреме, се планираше платите на функционерите повторно да се зголемат во јануари 2025 година, во согласност со растот на годишната просечна плата, која служи како основица за пресметка. Се очекуваше зголемување од околу 330 евра за највисоките функционерски плати, вклучувајќи го премиерот, претседателот и спикерот, а за најниските плати зголемувањето би било околу 130 евра.
Од април минатата година, избраните и именуваните функционери добиваат плати повисоки за 78%, што предизвика незадоволство и протести од страна на различни работнички групи и пензионерите.