Повеќе од 10 граѓански организации бараат Владата да го забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард, како и да го ограничи увозот на нови возила со минимален „ЕУРО 6“.
Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде пред сѐ“, се вели во нивното барање, каде појаснуваат дека се соочуваме со екстремно аерозагадување коешто е причина за серија на болести и смртност кај населението.
,,Сообраќајот учествува и до една третина во аерозагадувањето кога се мери покрај сообраќајниците. Возилата испуштаат над 200 токсични соединенија од кои голем дел се канцерогени, влијаат врз генетскиот материјал и се особено штетни за децата во развој. Нашето барање е да се ограничи увозот, по примерот на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора – возила кои се користени да не можат да бидат постари од 10 години и не под ЕУРО 5 стандард, а новите возила да бидат под ЕУРО 6 стандард“, велат од О2 Инцијатива.
Активистите сметаат дека државата мора да ограничи кои возила ќе се увезуваат, особено поради тоа што сите постари возила и возила со поголема помината километража испуштаат поголем број токсични канцерогени соединенија. Од таму додаваат дека со барањето не повикуваат кон скратување на единствениот начин на превоз низ градот Скопје, туку испраќаат барање до Владата и надлежните да се најде начин и да се регулира јавниот превоз.
,,Апсолутно ја разбираме идејата на Владата дека со оваа мерка сака да оствари економски придобивки за граѓаните со тоа што ќе овозможи услови за обезбедување на поевтини возила, меѓутоа мора да се има контрола на тоа што се увезува, бидејќи овој сегмент директно влијае на аерозагадувањето“, додаваат од О2 Инцијатива.
Граѓанските организации кои застанаа зад ова барање се: Гоу Грин, Фронт 21/42, Македонско здружение на млади правници, Институт за комуникациски студии, Зелен институт, Национален Ромски Центар, На Точак, Зелен Хуман Град, Шанса за Центар, Подобро за Тетово/Më mirë për Tetovën