Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за трошоците на општините за забавни манифестации. Истражувањето покажа дека само од јануари до октомври годинава, општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра. До крајот на 2024 година, се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра.
Лани, за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра. Најскапо платена, годинава, е Северина, за која Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип.
Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил скоро 26 илјади евра.
Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки. Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци.
Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Најмногу пари за оваа намена трошат општините Кавадарци и Струмица, како и Градот Скопје. Само првите десет општини што трошат најмногу пари за оваа намена, трошат околу 80 % од парите што ги потрошиле сите општини заедно.
Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190 илјади евра. Следно е Кавадарци со 156 илјади, а главниот град потрошил нешто повеќе од 110 илјади евра. Штип е четврти со скоро 86 илјади евра. Велес и Кисела Вода потрошиле по околу 48 илјади евра, а Куманово 45 илјади. По 30 илјади евра потрошиле Берово и Битола.
Состојбата е слична и во 2024 година, за која недостигаат сите податоци и ќе бидат достапни дури откако годината ќе заврши. Иако податоците се до октомври 2024 година, сепак извесно е дека најмногу пари ќе потроши Кавадарци, единствено преку 200 илјади евра. Струмица годинава е на второто место, со потрошени 124 илјади евра. Кисела Вода „засилила“ на трошењето со скоро 65 илјади евра, а буџетското ќесе го „одврзала“ и Крива Паланка, која потрошила 55 илјади евра. Малите општини, Валандово и Гевгелија се следни со по околу 44 илјади евра секоја. Околу 40 илјади евра трошат Битола и Берово, па следат Неготино и Велес со по околу 34 илјади евра.