Во Ликовниот салон во Велес од вчера е отворена изложбата „Воодушевувачки впечатоци: Колекцијата Енигма“ од академскиот сликар Синиша Кашавелски од Куманово. Изложбата е мала ретроспектива за 10 години творештво, по последната изложба на авторот во земјава во 2014 година.
Изложбата на Кашавелски, по Куманово, Кавадарци и Велес, во април годинава ќе биде претставена и во САД и во Швајцарија, а кон крајот на годината и во Кина и во Азија.
Кашавелски е добитник на престижни светски награди и признанија. Најновото признание што уметникот го доби деновиве е специјалната награда „Artelibre“ на „ModPortrait Contest“, а награденото дело оди на изложбата на финалистите на Европскиот музеј за модерна уметност MEAM во Шпанија.