Велешанецот Тале Трајков, по повеќе од седум години пауза, се враќа на терените на велешката футсал сцена, овој пат како ново засилување за прволигашот КМФ Кеги Моби Велес. Овој трансфер се случи токму во пресрет на втората полусезона од натпреварувачката 2024/25 година, кога тимот се наоѓа во битка за опстанок во највисокото футсал натпреварување.
Трајков, изрази огромно задоволство од враќањето во својот роден град. Тој во изјава за Батали посочи дека нема поубаво чувство од тоа да играш за велешка екипа која се натпреварува на највисокото ниво.
“По завршувањето на договорот со претходната екипа, имав многу понуди од тимови во првата футсал лига, но пријателството, другарството и братскиот дух кој ме врзува за Велес беа поголеми од било какви финансиски понуди. Знам со кого ќе работам во КМФ Кеги Моби, тие се мои долгогодишни соиграчи, и заедно сме играле и во големиот фудбал,” изјави Трајков.
Управата и стручниот штаб на КМФ Кеги Моби се задоволни од овој трансфер и со нетрпение го очекуваат Трајков во најдобра форма. Тој моментално е во тренажен процес, каде работи на своето физичко и техничко издание за да може што побрзо да се вклопи во тимот и да ги оправда очекувањата.
“Се надеваме дека Тале ќе биде во добро здравје и дека ќе го покаже своето вистинско лице во наредните месеци. Очекуваме дека ќе ни помогне во битката за опстанок во лигата,” додадоа од клубот.
Покрај Трајков, во зимскиот преоден рок екипата ја засили и Гаштев, а во наредните денови се очекуваат уште едно или две нови имиња. Со враќањето на Тале Трајков, КМФ Кеги Моби се надева на подобри резултати во вториот дел на сезоната и на сигурен опстанок во Првата футсал лига.