Нема потреба од промена на химната, одговори денеска претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која појасни дека треба да се биде претпазлив во врска со промената на државните симболи.
„Ако ме прашувате за химната, апсолутно мислам дека нема потреба од промена. Химната никогаш не одразува сегашност, туку секогаш изразува историска меморија, генеза и ние немаме право на тоа. Јас не сум чула луѓе да менуваат, дури и во рамките на ЕУ. Во обидот да се донесе Уставот во 2005 година беше предвидена химна, но не дојде до тоа. Сите народи во текот на историјата креирале песни или химни, кои се најважниот државен симбол. Текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот. И описот на знамето во најголемиот број држави е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот, во законот над законите“, рече Сиљановска-Давкова при посетата на Македонската академија на науките и уметностите.
Во врска со промената на државниот грб, вели дека е точно оти тој содржи „симболи што повеќе укажуваат на географијата отколку на нешто што било белег во текот на историјата“.
Додава дека има дилема за моментот на отворањето на прашањето.
„Не негирам дека во текот на историјата најприсутнот симбол бил црвениот лав на златна основа, не го негирам тоа, го кажуваа тогаш и во Собранието, но мојата дилема е дека секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања и симболи со таква страст тоа го правиме што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти, симболите би требало да обединуваат, а не да разединуваат“, истакна претседателката на државата.