Необично високи температури за овој период од годината ја зафатија Македонија, а Скопје денеска е на чекор од поставување нов рекорд. Според метеоролозите, главниот град би можел да достигне речиси 30 степени Целзиусови – нешто што досега не е забележано во март.
Македонија денеска ќе ужива во сончево и топло време со мала до умерена облачност, но попладнето носи нестабилност во делови од земјата.
Ќе дува умерен, а на моменти и засилен јужен ветер, кој на одредени места може да достигне брзина од над 60 километри на час. Во попладневните и вечерните часови, северозападните делови на земјата ќе бидат под влијание на нестабилна воздушна маса, што може да предизвика краткотраен пороен дожд и грмежи.
Минималните утрински температури ќе се движат од 5 степени во Берово до 11 во Гевгелија, а максималните дневни од 20 во Маврово и 29 Целзиусови степени во Скопје.
Времето во недела ќе биде променливо облачно и нестабилно, со локални врнежи од дожд и грмежи. На одредени места врнежите ќе бидат поинтензивни и краткотрајно во форма на невреме, проследени со силен ветер и електрични празнења.
Ќе дува умерен, а повремено и засилен ветер од западен правец, што дополнително ќе придонесе за динамични временски услови.
Минималните утрински температури ќе се движат од 3 степени до 9 степени, а максималните дневни ќе бидат во интервалот од 17 степени до 25 степени.
Првиот работен ден од следната недела ќе донесе променливо облачно и нестабилно време, со локални врнежи од дожд и грмежи. На одредени места се очекуваат и поинтензивни врнежи, проследени со електрични празнења и силен ветер.
Минималните утрински температури ќе се движат од 2 степени до 8 степени, а максималните дневни ќе бидат во интервалот од 14 степени до 21 степени.