Коалицијата ВЛЕН, составена од партиите Демократско движење, Алтернатива, Беса и Самоопределување, официјално започна постапка за формирање на нова заедничка политичка партија. Одлуката доаѓа по самостојното делување на Алијансата за Албанците и нејзиниот лидер Арбен Таравари.
На состанок одржан во Струга, коалициските партнери се договорија за формирање на заеднички централни органи, меѓу кои и раководство со 23 членови, заеднички штаб, медиумски центар, кадровска комисија, како и сектори за економија, право и образование. Партиите ќе настапат со заедничка програма и изборни листи на претстојните избори.
Еден од лидерите на коалицијата, Изет Меџити, изјави дека изборот на претседател на новата партија ќе се реализира преку демократска процедура, со акцент на принципи и концепти, а не на индивидуи.
– Фокусот ни е на концептот, а не на поединци. Целта е формирање силна и обединета политичка алтернатива која ќе биде конкурентна на претстојните локални избори – изјави Меџити.
Новата политичка структура има за цел да понуди кохезивна програма и стабилна платформа за политичко делување во периодот што следува.