Собранието на Република Северна Македонија објави јавен оглас за изработка на ново лого, со кое треба да се освежи и модернизира визуелниот идентитет на институцијата. Како што стои во огласот, новото лого треба да ги одразува „националните вредности, како и вредностите, мисијата и визијата на Собранието“.
Логото ќе биде тројазично и мора да содржи графички елемент и назив на институцијата на македонски јазик со кирилско писмо, на албански јазик и писмо, како и на англиски јазик. Ова е прецизирано во член 2, став 3 од огласот.
Во насоките до учесниците е нагласено дека дизајнот треба да биде достоинствен и сериозен, а да се избегнуваат „премногу трендовски, разиграни и лежерни стилови“, со цел логото да го задржи институционалниот карактер.
Конечниот избор на идејното решение ќе го направи комисија формирана од претседателот на Собранието, Африм Гаши.