Судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува денеска во Основниот кривичен суд Скопје, со почеток во 10 часот. На денешното рочиште треба да сведочи првообвинетиот Љупчо Палевски.
Претходното рочиште беше одложено поради отсуство на неговиот адвокат, Јовица Страшевски, кој до судот доставил медицинска документација и барање за одложување. Судијата Ивица Стефановски тогаш изјави дека ова е прво вакво барање, но најави дека во случај на повторување ќе биде назначен адвокат по службена должност.
Палевски, кој и денеска ќе одговара на прашања, на минатото рочиште ја негираше вината, тврдејќи дека нема мотив за убиствата и дека е жртва на, како што рече, „морален атентат“ организиран од политички и медиумски структури. Тој ги отфрли сите обвиненија, нагласувајќи дека се дел од обид за негово дискредитирање поради неговиот ангажман во борбата против корупцијата, перењето пари и неговата иницијатива за одржување референдум за односите со Бугарија.
Обвинетиот исто така ги оспори наводите на Обвинителството поврзани со 22 ноември 2023 година, денот кога, според обвинението, бил убиен Панче Жежовски, посочувајќи дека времињата и фактите не се совпаѓаат со реалноста.
Со сведочењето на Палевски се заокружува испрашувањето на обвинетите. Претходно беа сослушани сведоци на Обвинителството, таткото на Вања – Александар Ѓорчевски, како и останатите обвинети.
Во текот на постапката, обвинетиот Велибор Манев детално ги опиша околностите околу грабнувањата и убиствата, посочувајќи го Палевски како главен организатор. Боре Видевски го негираше своето учество, додека Влатко Кешишев изјави дека најчесто бил ангажиран како стражар и не бил директен сведок на настаните.
Обвинението ги товари Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски дека заеднички испланирале киднапирање на Вања со цел да изнудат откуп од нејзиното семејство. Жежовски, пак, според обвинението, бил грабнат во Велес со цел сторителите да го добијат неговото возило „цитроен“, кое подоцна било користено при грабнувањето на девојчето.
Вања и Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година, во околината на Скопје и Велес.