Вчера во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес беше промовирано најновото поетско остварување „Километри широк, метар длабок“ од родкрајниот автор, дводомен писател, Светлана Босилкова-Далевска, во издание на Издавачката куќа„Збор“.
„Зашто го насловив „Километри широк, метар длабок“, и не ставив воопшто субјект на насловот, затоа што мислам дека секој би се сетил што е, широк е животот, не ставив долг, затоа што не се знае дали е долг, може и краток да биде, дај Боже што кога е долг, добро е, а длабок, метар длабок, толку ни е потребно кога го завршуваме животот. Па, видете јас пишувам за човекот, тоа е мојот акцент, човекот од секогаш ме фасинирал, не како суштество физичко, него како умствено сушество, кажа на своја промоција, авторката Светла Босилкова- Далевска.
„Поезијата на Светлана, воодушевува со родољубивиот и носталгичен поетски дискурс кој импонира со својата оригиналност и повеќезначност. Носталгичното чувство насочено кон минатите мигови се пренесува низ стиховите и најприсутно е во песните: „Те помнам родалијо“, „Од сроден корен“, „Троскотот стигна до колена“, „Кодот на народот“, „Разбирам ли“, „Откорнатик“ и други. Светлана е гласноговорник која преку поетското ехо ја истура вистината за животот и за се она што го прави живот., изјави промоторката на книгата Десанка Николова.
За Светлана Босилкова-Далевска ова е четврто дело, која претходно издаде еден роман и две стихозбирки.