Протестот е начин на 1 мај да изразиме незадоволство од висината на платите на работниците во Македонија кои се најниски во регионот, а да не зборуваме и за пошироко. ССМ ги повикува сите кои му мислат добро на работникот, во текот на утрешниот ден да ни се приклучат на протестот, изјави првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов за утрешниот првомајски протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Трендафилов истакна дека кога работодавачите и Владата ќе ги зголемат платите, работниците ќе можат да си купат сендвичи, но и многу други работи за нивните семејства.
Трендафилов жали што дел од другите синдикални здруженија прават штета и „кога синдикалци поддржуваат владини политики, тоа секогаш е на штета на работниците“.
Изминатите години се вртеше скара за Први мај пред Владата. „За работникот ќебап, за вас бифтеци“ пишуваше тогаш на еден од транспарентите на маршот на Конфедерацијата на слободни синдикати што се организираше одделно од протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија.