Синоќа во едно од кафулињата во Штип се случил вооружен напад, при што едно лице е повредено. Според неофицијални извори, осомничениот напаѓач по инцидентот ја напуштил локацијата и се оддалечил со возило од марката BMW.
Сведоци изјавиле дека напаѓачот го напуштил кафулето и заминал во непознат правец. Набргу потоа, возилото било забележано кај наплатната рампа Миладиновци, каде што не застанало на „стоп“ знакот на почивиштето, ја пробило рампата и продолжило со голема брзина. Во обид да го сопре, полицијата отворила оган кон возилото.
Подоцна, истото BMW, со видливи оштетувања и превртено, било пронајдено пред влезот на ТИР-зоната во Миладиновци. Засега нема официјална потврда дали осомничениот е приведен или сè уште е во бегство.
Повредениот од кафулето е префрлен во болнички установи, но неговата здравствена состојба сè уште не е позната.
Полицијата активно работи на расветлување на случајот, а повеќе детали се очекуваат по официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи.