Со официјалното потпишување на договорот меѓу организаторите на Спортските игри Велес 2025 и продукциската куќа Live Streaming Production, Спортските игри добиваат нов медиумски лик – модерен, динамичен и достапен за сите. Преносот во живо оваа година ќе биде реализиран на високо ниво, со неколку камери, студиска програма и коментаторска поддршка за финалните натпревари.
Настанот, кој ќе се одржи од 3 до 7 јуни во Градскиот парк во Велес, и оваа година нуди богата спортска програма со турнири во фудбал, баскет 3×3, одбојка на песок и тенис. Организаторите најавуваат и нов спортски предизвик, чие име сè уште не се открива – специјално изненадување за сите учесници и гледачи кое ќе биде објавено непосредно пред стартот на игрите.
За првпат, тенискиот турнир ќе биде збогатен со дубл натпревари, а интересот за учество е поголем од кога било. Бројот на екипи за фудбал веќе е исполнет, па пријавувањето за оваа дисциплина е затворено поради исклучително големиот интерес. Баскет 3×3 привлекува тимови од цела Македонија и странство – меѓу кои и играчи од Ирска, Шведска и САД. Одбојката на песок оваа година ја носи и актуелната шампионка на Шпанија до 21 година, што најавува спектакуларни натпревари на песок.
„Чест и задоволство ми е што постигнавме договор со тим кој работи со срце и професионализам. Верувам дека оваа година преносот ќе донесе дополнителна вредност и ќе му овозможи на секој што нема да биде физички присутен – да биде дел од атмосферата,“ изјави Љупчо Црвенпанов, директор на Спортските игри.
„Особено ми е драго што дечките од Спортските игри го препознаа нашиот квалитет и ни ја доверија реализацијата на овој значаен настан. Ќе се потрудиме преку добра организација, динамична слика, одличен звук и репортери на терен да го доловиме вистинскиот дух на игрите. Финалниот ден ќе биде збогатен со студиска програма, а финалните натпревари ќе се емитуваат со коментаторска поддршка,“ изјави Иван Камчев од Live Streaming Production.
Продукциската куќа Live Streaming Production е веќе препознатливо име на медиумската сцена, со реализирани преноси од Европскиот и Балканскиот куп во кајак, натпревари од Суперлигата во ракомет, тениски и кошаркарски турнири, концерти и други значајни настани. Во моментов, компанијата работи и на голем телевизиски проект, чии детали сè уште се држат во тајност.
Генерален покровител на настанот е компанијата VLT, со поддршка од Општина Велес и Министерството за спорт.