Над 50 ендуро натпреварувачи од Македонија и странство ќе учествуваат на викенд натпреварите во Велес, кои ќе се одржат на 21 и 22 јуни во рамки на Државниот шампионат во ендуро мотоциклизам. Настанот, кој традиционално го организира Мото клуб „Мото Велес“, годинава го одбележува своето 15-то издание.
Во текот на двата дена ќе се возат две трки на специјално подготвената патека над езерото Младост, низ ридест и предизвикувачки терен долг меѓу 25 и 30 километри. Според правилата, натпреварувачите ќе возат по четири кругови, со мерење на време на четири тест точки.
Трките ќе се одржат под покровителство на Мото федерацијата на Македонија и Општина Велес, а ќе се натпреваруваат возачи во четири различни категории.
„Ова е екстремен, адреналински спорт, на кој сметам дека треба да му се даде повеќе внимание. Веќе 15 години нашиот клуб го организира ова натпреварување, најчесто со сопствени средства, и нема да се откажеме од него и во иднина“, изјави Сашко Ванов од Мото клуб „Мото Велес“.
Организаторите очекуваат добра посетеност и повикуваат љубителите на мотоспортот да уживаат во едно од највозбудливите изданија досега.