Младите стрип автори од Македонија остварија значаен успех на меѓународниот конкурс со силна порака „Сѐ што сакаме да речеме е – дајте му шанса на помирувањето“, организиран од Клубот на визуелни уметници „Рашка школа за цртање“ од Рашка, Србија. Конкурсот беше поддржан од Младинскиот фонд за култура на Западен Балкан (WBYCF), во партнерство со Creative City Center од Албанија и соработници од Србија и регионот.
Натпреварот беше наменет за ученици од основните и средните училишта од Србија, Албанија и Македонија, со цел да се поттикне младинскиот уметнички израз и да се промовираат вредности како мир, толеранција и регионална соработка.
Според оперативниот координатор на проектот, Томе Трајков, македонските учесници се издвојуваа со креативност и зрелост во пристапот, особено во категоријата средношколци, каде што добитници на главните награди се:
Матеа Аризановска, Скопје – Прво место
Викторија Асаматај, Валона, Албанија – Второ место
Елена Апостолова, Скопје – Трето место
Специјални признанија беа доделени за посебни аспекти на стрип изразот:
Матија Стаменковиќ, Лесковац, Србија – за колор
Урош Гајиќ, Рашка, Србија – за приказна
Андреа Младенова, Скопје – за техничко изразување
Во категоријата за основци, од вкупно 140 учесници, Македонија повторно доминираше:
Прво место: Михаела Ордев, Иван Тасева и Јована Салтирова од Свети Николе
Второ место: Ива Давидовска од Крива Паланка
Трето место (две награди): Јасмина Јовчевска од Скопје и Кристина Маркоска од Брвеница
Наградите и дипломите ќе бидат свечено доделени на отворањето на Меѓународната стрип колонија во Рашка, Србија, која ќе се одржи од 18 до 22 јули, завршува Трајков.
Овој успех претставува доказ за силниот потенцијал на младите македонски автори и нивната способност преку уметноста да испраќаат пораки од глобално значење.