Македонски успех на 27-та Балканска смотра на млади стрип автори во Лесковац

Од 27 до 29 јуни во Лесковац се одржа 27-то издание на Балканската смотра на млади стрип автори – еден од најпрестижните и најмасовни стрип фестивали на Балканот и пошироко. Манифестацијата оваа година собра рекордни 3.172 учесници од 51 земја од сите континенти, што ја потврдува нејзината меѓународна репутација и значење за младите стрип автори.

Во рамки на фестивалот беше организиран и традиционалниот меѓународен стрип конкурс, на кој македонските автори постигнаа значаен успех. Веќе првата вечер (27 јуни), Стрип центарот од Велес доби специјална диплома за најмасовно организирано учество на конкурсот. Признанието го прими програмскиот координатор Томе Трајков, кој откри дека од Македонија биле испратени 60 стрип дела, најголем дел од млади ученици. Тој додаде дека се работи за организирана пракса на повеќе фестивали, спроведена преку лична иницијатива и ангажман.

Agria

Втората вечер (28 јуни) беа доделени наградите за најдобрите дела од конкурсот. Специјално жири составено од познатите имиња од балканската стрип сцена – Ласко Џуровски, Милорад Вицановиќ Маза и Марко Стојановиќ – одлучи дека наградата за најдобар млад сценарист ѝ припаѓа на македонскиот автор Војдан Андонов од групацијата „ПАРАГОНС“ од Скопје. Наградениот стрип е илустриран од Марко Марковиќ, исто така член на оваа групација. Дополнително, Александар Бараковски, исто така од „ПАРАГОНС“, доби диплома во категоријата „најдобра илустрација“.

Третиот, завршен ден (29 јуни), беше посветен на панел-промоции на автори од различни земји. Меѓу бројните гости, активно учество земаа и автори од македонската стрип сцена, што дополнително ја зацврстува позицијата на Македонија во регионалната и меѓународната стрип заедница.

27-та Балканска смотра во Лесковац уште еднаш потврди дека е платформа која не само што ги поврзува младите таленти, туку и ги афирмира како значајни гласови во светот на деветтата уметност. Македонските автори, преку својот креативен ангажман и заслужени признанија, покажаа дека нивниот глас се слуша сè погласно и пошироко.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: