Граѓани без вода на велешката улица „Никола Карев“, ЈКП „Дервен“ вели проблемот е зголемена потрошувачка, не дефект

Ulica Nikola Karev

Најновите горештини кои го зафатија Велес дополнително го влошија секојдневието на жителите од улицата „Никола Карев“, кои веќе три дена се соочуваат со сериозен проблем – недостиг од вода.

Револтирани граѓани се обратија до нашата редакција, посочувајќи дека во услови кога температурите се движат над 40°C, не можат ниту да се избањаат, ниту да ја одржуваат хигиената во домовите. „Секоја вечер е исто. Чешмите се суви, а ние оставени сами на себе“, реагира еден од жителите.

Agria

Од ЈКП „Дервен“, одговорни за водоснабдувањето во градот, објаснуваат дека се работи за намален притисок и повремен недостиг на вода, но само во вечерните часови, кога потрошувачката е највисока.

„Станува збор за зголемена потрошувачка на вода во вечерните часови, особено помеѓу 17 и 23 часот. Тоа предизвикува пад на притисокот, а во неколку станбени објекти и целосен прекин на водоснабдувањето“, информираат од претпријатието.

ЈКП „Дервен“ исто така наведува дека нивни екипи се на терен и веќе извршиле ископи на четири локации на водоводната линија за да проверат дали има евентуален дефект. „Од досегашните проверки нема докази за протекување или оштетување на линијата“, додаваат од таму.

Проблемот, велат, е хроничен и типичен за летниот период. Во некои делови на градот, како „Никола Карев“, системот не може да издржи доколку преработената вода се троши за полевање, миење дворови и други ненаменски активности.

Претпријатието упати апел до граѓаните. „Ги замолуваме сите жители да ја користат водата исклучиво за домаќински и лични потреби, особено во критичниот период од 17 до 23 часот. Со рационално користење, ќе има доволно вода за сите.“

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: