Третата фудбалска лига – Југ за сезоната 2025/26 ќе започне на 7 септември, а во натпреварувањето ќе учествуваат 14 екипи од јужниот регион на Македонија. Меѓу нив, дури четири доаѓаат од Велес и неговата околина, што ветува возбудлива сезона со силна локална конкуренција.
Велешкиот фудбал ќе биде претставен од Борец 1919, клуб со богата историја, кој оваа година испадна од Втората фудбалска лига како и од амбициозните Превалец кој е единствен тим кој не испаднал од ова натпреварување од кога е формирана лигата, Башкими од Горно Јаболчиште и екипата на Тополка, која како актуелен првак на ОФС Велес ќе се обиде да ја продолжи победничката серија и во повисок ранг.
Ждребката за распоредот на натпреварите ќе се одржи на 25 август, по што ќе биде познато кои тимови ќе се соочат во првото коло. Очекувањата се дека оваа сезона ќе донесе голема неизвесност, нови дерби средби и развој на младите фудбалски таленти од регионот.
Љубителите на фудбалот во Велес веќе нетрпеливо го очекуваат стартот на првенството, со надеж дека нивните фаворити ќе се борат за највисок пласман и можно промовирање во Втората лига.