Денес, по повод одбележувањето на 21 август – Денот на Општина Чашка, беа официјално предадени во употреба новоадаптирани простории наменети за најмладите жители на општината. Со симболично врачување на клучот на децата од Детската градинка „Бамби“, градоначалникот Горан Стојановски ја означи готовноста на новоформираната јаслена група да ги прими првите малечки.
Новите простории се адаптирани и опремени според најсовремени стандарди и ќе овозможат безбедна и квалитетна нега и едукација за 10 до 12 деца на возраст од 9 до 24 месеци. Станува збор за значаен чекор во унапредувањето на грижата за децата во општината, како и олеснување на секојдневието на родителите.
За адаптацијата на просторот, Општина Чашка одвои 567.255 денари од својот буџет, додека опремата е обезбедена преку грант од Светска банка, преку ресорното Министерство за труд и социјална политика, во вредност од 600.000 денари.
Очекувањата се дека јаслената група ќе започне со работа наскоро, откако ќе заврши постапката за вработување на персонал преку Агенција за привремени вработувања, за што исто така се обезбедени средства од општинскиот буџет.