Французинот Никола Сотер и Словенката Ана Стеблај запишаа историски викенд во Скопје, Македонија, освојувајќи по две златни медали на последователните Светски купови 4 и 5 во дивоводско кајакарство, во организација на Меѓународната кајакарска федерација. Во петок и сабота, на патеката на Матка, се возеа спринтерските трки, а Сотер ги освои двете титули во машкиот кану (C1), додека Стеблај беше неприкосновена во женскиот кајак (K1).
Македонски настап
Од македонските претставници, единствен кој обезбеди пласман во финале беше велешанецот Александар Златаров. Тој настапи во машкиот K1 во рамки на петтото коло и го освои 15-то место – пласман кој му носи големо искуство во конкуренција со најдобрите светски кајакари.
Првиот ден – злато за Сотер, Стеблај и Уранкар
Во машкиот C1, Сотер триумфираше пред сонародникот Шарл Ферион, победувајќи со време од 42.23 секунди. Србинот Павле Здравковиќ стигна до бронза. Во женскиот K1, Стеблај славеше со време од 42.94, пред Белгијката Клеманс Улпио и Французинката Ема Лакост. Словенецот Анже Уранкар, актуелен светски шампион во машкиот K1, ја продолжи доминацијата со злато, додека Панато од Италија, Копунова од Словачка и двојците од Франција и Швајцарија ги заокружија победничките подиуми во останатите дисциплини.
Вториот ден – нови злата за Стеблај и Сотер
Во сабота, Стеблај повторно беше најбрза во женскиот K1, овојпат пред Лакост и Чехињата Мари Немцова. Сотер пак славеше уште еднаш во машкиот C1, оставајќи зад себе Здравковиќ и Ферион. Возбудлива борба се водеше и во машкиот K1, каде Лука Бароне ја освои титулата пред Максанс Бару и Уранкар. Копунова, Монжанел и Комб, како и Клавадечер и Милер од Швајцарија, беа дел од победничките имиња и на вториот ден.
Организација на врвно ниво
Дводневната програма во Скопје беше организирана од Кајакарската федерација на Македонија. Директор на трката беше велешанецот Љубомир Спасиќ, кој заедно со тимот од волонтери – најголем дел членови на Кајак кану клубот „Арка Борец“ – беспрекорно ја реализираа целата програма, оставајќи позитивен впечаток кај натпреварувачите и меѓународните претставници.
Преносот од двете натпреварувачки дена повеќе од успешно го реализираше велешката компанија Live Streaming Production, овозможувајќи спортските возбудувања од Скопје да стигнат до гледачите низ светот.
Со ова, Скопје уште еднаш се потврди како достоен домаќин на светски спортски настан, во кој Франција и Словенија доминираа со најмногу злата, но блесна и настапот на домашните претставници пред својата публика.