Седумдесет и деветгодишен жител на Велес стана првото лице во државата кое ќе ја издржува затворската казна во домашни услови, под електронски надзор. Тој е осуден на три месеци куќен затвор и наскоро ќе му биде поставена електронска алка на ногата, со што ќе започне извршувањето на санкцијата во неговиот дом.
Од Управата за извршување санкции (УИС) потврдија дека станува збор за пресуда донесена од Основниот суд во Велес. Барањето на осудениот за одложување на извршувањето е одбиено, а следниот чекор е изработка на индивидуална програма од страна на пробациски службеник, по што ќе биде инсталирана потребната опрема за надзор.
Ова е прв случај на практична примена на електронски алки во Македонија, кои беа најавени уште во мај годинава од директорот на УИС, Александар Пандов. Воведувањето на овој систем има за цел да понуди поефикасна и похумана алтернатива на класичниот затвор, особено во услови на пренатрупаност.
Според податоците на УИС, моментално во земјава има околу 2.300 затвореници и 400 лица во притвор, а дел од казнено-поправните установи работат со над 100% исполнетост. Очекувањата се дека примената на електронскиот надзор ќе помогне во намалување на притисокот врз затворскиот систем, како и во подобрување на условите за ресоцијализација на осудените.