Во Ликовниот салон во Велес вчера беше свечено отворена изложбата на академскиот сликар Алдемар Ибрахимовиќ од Црна Гора, кој на велешката публика ѝпонуди уникатно визуелно доживување преку дела што го спојуваат реалното и апстрактното во колоритни и енергични композиции.
Ибрахимовиќ е автор со препознатлив творечки израз што се движи помеѓу современите и класичните ликовни вредности. Публиката што присуствуваше на отворањето имаше можност да ужива во ова визуелно патување, препознавајќи во неговите слики ехо на современиот човек, неговите мисли, чувства и односот кон светот околу него.
Изложбата претставува значаен културен настан за градот Велес, нудејќи ретка можност за запознавање со уметничкото творештво на еден од најистакнатите претставници на современата црногорска уметност. Поставката ќе биде отворена за посетители до 10 октомври.