Изминатиот викенд се одиграа натпреварите од новото коло во Третата фудбалска лига – Југ, во кое екипите од Велес имаа повеќе од успешен настап. Борец и Превалец запишаа убедливи победи, додека Тополка го претрпе третиот пораз оваа сезона.
Борец рутински до трите бода во Мало Коњаре
Екипата на Борец оствари сигурна победа на гостувањето кај Млекар во Мало Коњаре со 0:3. Велешани го решија натпреварот уште во првото полувреме. Марко Миловановиќ го отвори резултатот во 11. минута, Теодор Мирчевски зголеми на 0:2 во 38. минута, додека конечниот резултат го постави Бобан Дукадиновски во 85. минута. Со оваа победа, Борец изби на чело на табелата.
Превалец немилосрден кон Младост – седум гола во мрежата на гостите
На домашен терен, Превалец ја декласираше екипата на Младост со убедливи 7:0. Стрелци за тимот од Велес беа Стефан Коџабанов (21’), Антонио Чоков (25’) и Давид Спиридонов (57’), додека блескава партија имаше Кристијан Маневски, кој постигна дури четири гола (37’, 41’, 65’, 74’). Ова е една од најубедливите победи на Превалец оваа сезона.
Тополка поразена во Долни Дисан
Екипата на Тополка го доживеа третиот пораз во првенството, овојпат на гостински терен кај Венец од Долни Дисан со 4:0. Стрелци за домашните беа Душко Пауновиќ (2’), Јован Лембовски (56’), Александар Трајков (63’) и Петар Ристовски (80’). По овој пораз, Тополка е во долниот дел на табелата.
Дербито во Чашка без победник
Во дербито на колото, кое се одигра на игралиштето во Населба Чашка, екипите на Башкими и Росоман одиграа без победник – 1:1. Арлинд Јашари во 47. минута донесе водство за Башкими, но Росоман се спаси од пораз во финишот благодарение на погодокот на Слободан Дуков во 84. минута.
Следното коло ветува нови возбудувања во третолигашката конкуренција, каде велешките екипи ќе продолжат со борбата за висок пласман.