Во раните утрински часови, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес привеле две лица од Прилеп поради сомнение за поседување фалсификувани пари.
Околу 02:00 часот на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес, полицијата извршила контрола на патничко возило марка „Опел“ со прилепски регистарски ознаки. Возилото го управувал 22-годишниот М.Ј., а сопатник бил неговиот врсник А.У., исто така од Прилеп.
При контролата, кај А.У. биле пронајдени девет банкноти од по 200 евра, за кои постојат основи на сомнение дека се фалсификати. Истите се одземени за понатамошна анализа. Двете лица се приведени во полициска станица, а за случајот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежните органи.