Уште три дена им преостануваат на болните и немоќните лица да се пријават за гласање на Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври.
Според Роковникот на Државната изборна комисија, избирачите кои поради здравствени причини не можат да гласаат на своето избирачко место, а сакаат да го остварат правото на глас, треба најдоцна до 10 октомври, на полноќ, да ја известат надлежната Општинска изборна комисија.
За да може лицето да гласа во домашни услови, потребно е до комисијата да се достави соодветна медицинска потврда.
До 14 октомври трае и рокот за пријавување на лицата кои се наоѓаат во куќен притвор и сакаат да гласаат.
Болните и немоќните лица, затворениците, лицата во домашен притвор, како и штитениците во старските домови, ќе гласаат еден ден пред останатите – на 18 октомври. Гласањето ќе го спроведуваат избирачките одбори, директно во домовите на овие лица.
За претстојните локални избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.832.415 гласачи. Од нив, 1.717.803 се во редовните извода, 112.000 се државјани кои привремено престојуваат или работат во странство, 2.162 се лица кои издржуваат затворска казна или се во притвор, а 450 гласачи се сместени во старски домови.
На овие избори нема да има гласање во дијаспората.