Од денес, 12 октомври, Европската Унија започнува со постепено воведување на новиот Систем за влез и излез (EES), кој ќе се однесува на сите патници од земји што не се членки на ЕУ или Шенген-зоната – вклучувајќи ги и британските државјани.
Системот предвидува регистрација на биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија од лицето) при првиот влез во Шенген-зоната. Покрај тоа, ќе се евидентира и времето на влез и излез од територијата на Унијата. Проверките ќе се вршат на меѓународни аеродроми, пристаништа, железнички станици и патни гранични премини.
Според информациите, податоците ќе се собираат постепено, со целосна имплементација на системот најдоцна до 10 април 2026 година. Во текот на транзицискиот период, земјите-членки ќе имаат слобода самостојно да одлучуваат каде и кога ќе го применат системот, за да се олесни адаптацијата на граничните служби, транспортниот сектор и самите патници.
По истекот на овој шестмесечен период, EES ќе стане задолжителен на сите надворешни граници на Шенген-зоната, а печати во пасошите ќе бидат заменети со дигитални записи. Овој нов систем се однесува и на македонските граѓани, како и на сите државјани на т.н. трети земји, кои патуваат во Шенген-зоната за краткорочен престој до 90 дена.