(ВИДЕО) Јованче Манасков: Велешкиот спорт е на историски најниско ниво, ќе го вратиме Велес како град на шампиони

Градскиот стадион „Зоран Паунов“, салата „Гемиџии“ и помошното игралиште во Велес се во очајна состојба, а спортот во градот е доведен на најниско ниво досега, рече на денешната прес конференција носителот на советничката листа на СДСМ, Јованче Манасков. Тој предупреди дека спортските објекти кои некогаш биле симбол на велешкиот спорт денес се запуштени и претворени во „слика на негрижа и пропаѓање“.

„По обновата на трибините и соблекувалните што ја направивме пред неколку години со средства од Агенцијата за млади и спорт и ФФМ, денес трибините на стадионот ‘Зоран Паунов’ се обраснати со трева и џбунови – вистински змијарник“, рече Манасков, додавајќи дека ниту едно игралиште не е соодветно одржувано.

Agria

Како најфрапантен пример го посочи помошното фудбалско игралиште во Градскиот парк, во кое, според него, УЕФА преку ФФМ инвестирала околу 400.000 евра за реконструкција, но сега изгледа како „ливада за пасење крави, коњи и магариња“.

Тој укажа и на долгот на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“, кое, како што рече, „тоне во долгови и без трансфери од Општината одамна ќе банкротирало“, а ја спомена и тешката положба на спортските клубови, особено на ФК Борец и РК Борец, кои од некогашни симболи на градот денес се борат за опстанок.

„Јас не зборувам само како носител на листа за Советот на Општина Велес. Зборувам како човек кој целиот живот го посветил на спортот“, изјави Манасков, поранешен одбојкар и репрезентативец.

Тој најави дека, доколку СДСМ ја добие довербата на граѓаните, во Советот ќе се залага за реални и конкретни мерки за подобрување на спортот без партиски влијанија и селективна поддршка. Средствата, како што порача, ќе се насочат кон спортските клубови и младите таленти, а не во „про партиски организации“.

Со визија и работа, Манасков вели дека Велес повторно ќе стане спортски град – „град на шампиони и нови генерации победници“.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: