„Бакнеж“ е насловот на новиот сингл на трите девојки од Велес познати како „The Chicks“, кој својата премиера ја имаше пред три дена на youtube каналот.
Ова е втора песна од нивниот деби албум „Travelers“, а овој пат таа е дело на двоецот Александар Чекреџи – Чекре и Александар Ристовски – Принц, првиот како автор на музиката и аранжманот, а вториот ги потпишува стиховите.
Поради кризата со коронавирусот, „Девојките“ се сетиле да направат видео за песната во своја режија.
„Со оглед на ограничувањата и неможноста да изработиме професионален видео запис, решивме на бидеме креативни и да направиме видео снимено со телефон, кое што сами го измонтиравме. Снимено е на локации на велешкото езеро „Младост“. Беше навистина забавно за нас и се она што е снимено во суштина сме ние, потполно природни. Сакавме да покажеме дека и во вакво време, сепак човек може да биде креативен и да твори“, велат девојките од „The Chicks“.
Песната е снимена во студиото „ДоРеМи“, а миксот и мастерингот се на Златко Симионски- Зеко.