Холивудскиот режисер Џејмс Камерон и неговата екипа допатуваа во Нов Зеланд за да го снимаат долго очекуваното продолжение на епскиот научно – фантастичен филм „Аватар“.
Овој филм на прославениот холивудски режисер е еден од неколкуте кои стартуваат со снимање во Нов Зеланд, земја која почна да се отвора, откако го победи коронавирусот, па сега се надева дека филмската индустрија ќе ја закрепи нарушената економија.
Границите на Нов Зеланд се сеуште затворени за странци, но владата дозволи членовите на филмската екипа на „Аватар“ да пристигнат со чартер лет.
„Фактот дека можеме да почнеме порано од некои земји е многу важен, иако е вознемирувачки тоа што пандемијата е се уште предизвик насекаде низ светот,“ рече Анабела Шихан, извршен директор на Комисијата за филм на Нов Зеланд.
Убавините на Нов Зеланд, богати со планини, шуми и ливади, на кои се снимаа трите дела од „Господар на прстените“, беа предизвик за многу светски филмски продукции, кои се одлучуваа да снимаат таму.
Инаку, во моментот кога Нов Зеланд воведе рестриктивни мерки против ширењето на коронавирусот, таму во тек беа снимања на 47 филмови.