Општина Велес ја достави до јавното обвинителство информацијата за еколошкиот инцидент кој пред три дена го предизвика велешка Маслодајна, кога во водите на реката Вардар се изли поголема количина мазут.
Ова засега е единствениот механизам загадувачот да биде санкциониран. Велес во моментов е без еколошки инспектори, ниту на локално, ниту на државно ниво, па затоа записник од овие институции нема.
Градоначлникот на Велес Аце Коцевски вели дека полицијата дополнително направила увид, па се надева на добрата волја на обвинителството, кое, освен кривична одговорност, би можело да помогне во утврдување и на еколошката штета предизвикана од хаваријата во Маслодајна.
„Мислам дека од крим-техника го сфатија пропустот и дека после тоа е направен увид и записник. Околу еколошката одговорност ќе проценува Јавното обвинителство, бидејќи фабриката нема А интегрирана еколошка дозвола и не е директна надлежност на Министерството за животна средина. Доколку проценат дека сакаат да излезат во пресрет на општината, затоа што нема инспектор за животна средина, можат тоа да го направат, но немаат законска обврска за тоа“, рече Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
Последниците од истекувањето мазут во Вардар се видливи и денеска, тврдат риболовците. Оние кои ловат риба кај кејот во центарот на градот, велат дека остатоци од хемикалии помешани со мазут има дури и на дното на Вардар.
Пред три дена се случи хаварија на постројките во фабриката за масло „Благој Ѓорев“, при што поголема количина мазут истече на улица, а дел од неа заврши во Вардар.
Ова е петта хаварија во фабриката за 18 месеци. За посчедната, лани во септември, фабриката плати казна од 50 илјади евра, пари кои, според законот, завршија во државниот буџет. Казнет беше и директорот, кој требаше да плати 15 илјади евра, доколку во рок од една година, се случи нов инцидент.
Нејасно е дали сега ќе му се активира казната и дали воопшто овој еко-инцидент ќе биде заведен во институциите за животна средина, бидејќи нема записник од надлежен еколошки инспектор.
Можеби ќе ве интересира: