Нашата фабрика има поднесено основнен проект – спротивно на тврдењата од општина Велес. Ова го тврди раководството на велешка Маслодајна, која минатата недела обвини дека општината не ѝ дава дозвола за градба за инвестиција вредна три милиони евра. Тогаш од општината експресно стигна демант дека Маслодајна воопшто не поднела основен проект. На денешната прес конференција, наместо првиот човек Горан Лазов, се појавија две секторски директорки, кои тврдеа дека проектот им го работела друга фирма, но не знаеја да кажат на кој датум е поднесен во општина.
„Овој проект претходно го водеше ‘Урбан проектинг’, од каде што се жалеа дека од општина не ги добиваат потребните информации. Исто така, и ние имаме наш застапник во фирмата – адвокат, кој ги брка правните работи, кој што постојано доаѓа до одолговлекување на работата. Јас не велам дека некој не си ја работи работата, меѓутоа три години е долг период за да се помогне да се имплементира оваа опрема, зашто сметам дека ние како индивидуи не можеме сами, зависиме од многу институции“, рече Олгица Стојанова, директор на сектор за производство и одржување во П.И. „Благој Ѓорев“.
Од Општина Велес остануваат на ставот дека овој документ не е поднесен. Досега им биле одобрени архитектонски и идеен, но до нив нема стигнато основен проект. Оттаму велат дека Маслодајна работите ги фатила од опаку – прво набавила опрема, па потоа ја почнала процедурата за добивање дозволи.
„Не може без основен проект некој да очекува дека ќе добие одобрение за градба. За да добиете седмица на лото, мора да купите тикет и да го уплатите“, рече Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
Од Маслодајна и понатаму тврдат дека општината прави хајка против нив, но и дека се неосновани обвинувањата на граѓаните, кои постојано објавуваат фотографии од бел чад од оџаците.
„Граѓаните треба да знаат дека, посебно во периодот кога е поладно, тогаш најмногу сме имале проблеми со оваа ситуација, односно со тој бел чад кој што се јавува, меѓутоа тогаш кондензацијата е најголема. Затоа, во воздухот се појавува бел чад. Многу пати слушаме коментари дека Маслодајна има пет или шест оџаци од каде што испушта чад, меѓутоа сите тие јавно кога сме коментирале, сме ги поканиле слободно да дојдат и да видат кои се тие пет оџаци. Повеќе од тоа што се гледа е само една обична пареа“, рече директорката Стојанова.
Во меѓувреме, од Државниот инспекторат за екологија најавија казни за оној за кој е утврдено дека е виновен за последниот инцидент од минатата недела, кога мазут од фабриката истече на улица, а откако следниот ден општинаското комунално претпријатие ја изми улицата, мрсни дамки завршија во Вардар.
Целата прес конференција на Маслодајна можете да ја погледнете тука:
Поврзани вести: