Зоран Заев, лидерот на СДСМ смета дека кандидатот на ДУИ, Зибери не може да помогне на партијата за 20 дена, затоа што, според Заев, на оваа партија ѝ требаат четири години во опозиција за да се реформира.
„Што да кажам, уште еден шпицен кандидат. Немаме ништо против човекот, ама верувам дека неговото учество во ваква уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да ја реформира ДУИ. На партијата и треба да помине четири години во опозиција, за да може да се реформира и да биде добра партија. Верувам дека ова е само политика и политиканством затоа што мандатот на крајот на денот го даваат граѓаните. Тие бараат личност, посветен кадар, што се докажал досега и верувам дека на 15 јули граѓаните преку својот глас ќе определат кој ќе биде идниот премиер“, изјави Заев.
Христијан Мицкоски пак, исто така, во вклучување на Сител од Охрид, оцени дека ДУИ ја прифатила идејата за шпицен кандидат, ама подвлече дека идниот премиер треба да понуди програма за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
“Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка. Така се станува претседател на Владата. Ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани, без разлика на етничка припадност. Начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнително оптоварување за граѓаните и дополнителна поларизација, а ние тој начин на водење го одбиваме. Тоа не е добар концепт, тоа ќе го видат граѓаните. Граѓаните ќе се одлучат за концепт кој нуди додадена вредност и подобар живот за сите“, рече Мицкоски.
ДУИ на Али Ахмети изборната кампања за Предвремените Парламентарни Избори кои ќе се одржат на 15 јули, ја почна од Преспа каде што го обелодени долгоочекуваното име за прв премиер Албанец во Македонија, поранешниот пратеник и потпретседател на Влада и ко-создавач на Охридскиот Рамковен Договор, Насер Зибери.
Можеби ќе ве интересира: