На народот во државата му е доста од апатијата, безидејноста, доста му е од тоа да биде со подвиткан `рбет, рече генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев, при денешната посета на Велес. Томку спротивното, рече Јанушев, ние како партија ќе му го понудиме на народот на овие избори. Да го исправиме `рбетот, да бидеме горди како народ и да не се срамиме да кажеме дека сме Македонци. Генералниот секретар на најголемата опозициска партија својата посета на родниот Велес ја започна од црквата Свети Пантелејмон, каде што се свештениците одржаа молитва за благослов на ВМРО ДПМНЕ.
„Јас сум од Велес и моите родители ме носеле во оваа црква уште како дете. Затоа ја чувствувам како своја црква и некако нормално беше да дојдеме тука. Побаравме благослов, побаравме да имаме една кампања, да имаме начин на комуникација со граѓаните, каде што, пред се и над се, во ова зло време во кое живееме, ќе останеме здрави, живи и безбедни, нормално и целата помош која што можеме да ја добиеме од Господа во текот на кампањата“, рече Јанушев.
Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ не очекува фер кампања, бидејќи, според него, нејзиниот почеток бил проследен со инцидент.
„Кампањата почна со фрлање бомба во имот на потпретседателот на партијата. Не очекувам фер и демократска кампања, но тоа никогаш и не сме го очекувале од СДСМ. И покрај тоа, ќе ги победиме жестоко и убедливо и ќе завршиме еднаш за сесекогаш со тој тип политичари во оваа држава“, рече Јанушев.
Јанушев рече дека ВМРО ДПМНЕ во кампањата ќе ги посети граѓаните, од кои ќе го побара нивниот глас на претстојните предвремени парламентарни избори, но при тоа ќе се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Можеби ќе ве интересира: