Четири милијади евра вреден пазар се отвора пред македонските земјоделци со влезот на земјава во Европската унија, кој ќе се случи за шест години, рече Ненад Коциќ, кандидат за пратеник од листата на СДСМ и коалицијата „Можеме“, на средбата со жителите на велешките села Отовица, Сујаклари и Мамутчево.
Образложувајќи ја програмата на неговата партија за следните четири години, Коциќ го побара гласот од граѓаните, предупредувајќи ги дека понудата од нивниот политички противник е антиевропска.
„Сите можеме да направиме разлика помеѓу она што се случуваше до 2017 година, кога бевме заробена држава и сегa, кога цврсто чекориме на патот кон западните стандарди, кон ЕУ и кон сето она што претставува просперитет. Од другата страна цело време зборуваат за Кина, за Русија, меѓутоа никој не избега таму. Сите млади бегаат на запад и го бараат тој стандард. Наша цел е тој стандард да го донесеме во Македонија и луѓето да остануваат тука“, рече Коциќ.
Тој ги потсети жителите на трите села на огромниот пазар на поранешна Југославија, во кој земјоделските производи имаа пласман и добра откупна цена. Ова Коциќ го спореди со пазарот на Европската унија, во кој, како што рече, сите земјоделски производи ќе можат неограничено да се извезуваат.
„Огромни средства ќе бидат инвестирани во земјоделското производство, во земјоделците, во младите земјоделци, во жените – пртприемачи, така што еден од најперспективните делови за развој во следниот период ќе бидат токму руралните средини, селата во целата држава, затоа што Македонија има одлични услови за производство на здрава храна, за развој на земјоделието и само така ќе може да се задржат младите да останат тука, но и постарите да имаат достоинствен живот“, рече Коциќ.
Коциќ ја претстави програмата на СДСМ и коалицијата „Можеме“ за следните четири години и рече дека таа се заснова на шест основни столбови – економија, здравство, социјала, судство, европска интеграција и екологија. Тој вети дека СДСМ и коалицијата „Можеме“ ќе водат кампања во услови на епидемија, без да го загрозат здравјето на граѓаните.
Можеби ќе ве интересира: