Наследивме економија во минус, но за неполни три години ја кренавме во позитива, рече пред велешани Игор Андреев, економски аналитичар од СДСМ. Тој зборуваше за економските мерки кои владата предводена од СДСМ ги направи во својот мандат, но и економските мерки, планирани за следниот четиригодишен мандат.
„Наследивме стапка на невработеност над 26 проценти. Пред кризата, оваа бројка ја намаливме на нешто над 17 проценти. Планот е во наредниот четиригодишен мандат за прв пат во историјата на државата, да дојдеме до стапка на невработеност помала од 10 проценти. По пандемијата на коронавирусот планираме годишна стапка на раст од 4 проценти. Со тоа сериозно ќе зачекориме кон развиените економии во Европа и во светот“, рече Андреев.
Андреев соопшти дека планот на СДСМ е минималната плата да се искачи на 20 илјади, а просечната плата на 34 илјади денари, покрај привлекување странски, да се поттикнуваат домашните инвестиции, посебно на младите луѓе, кои ќе основаат свои бизниси.
„Стратегијата на претходната влада беше да се фали со тоа што донела странски инвестиции. Бројките кажуваат друго. Најголемата стапка на раст на странските инвестиции во Македонија е забележана во 2018 година. Нам ни се битни странските инвестиции, но ќе ги поттикнуваме и домашните компании да растат и да извезуваат на странските пазари. На младите ќе им даваме шанса да отпочнат свои бизниси, а не само да се тепаат за работа во јавен сектор. Од една мртва институција, каква што беше Фондот за иновации, за две-три години стана респектибилна институција, со портфолио од 60 милиони евра поддршка на млади луѓе за водење бизниси“, рече Андреев.
На синоќешната средба се претставија и кандидатите за пратеници на СДСМ и коалицијата „Можеме“ од Велес Ненад Коциќ и Даниела Стојановска Пановска, кои потсетија на покачувањето на платите на лекарите и медицинскиот персонал, инвестициите во здравството, зголемувањето на социјалната помош, но и решавањето на надворешните прашања, со Грција и Бугарија, влезот на земјава во НАТО и подготовките за почеток на преговорите со ЕУ.
Можеби ќе ве интересира: