Со положување цвеќе на спомен обележјето на борците од Егејска Македонија, делегации на Здружението за заштита на човековите права на прогонетите од егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда” од Велес, претставници на општините Велес, Чашка и Градско, Општинскиот огранок на Сојузот на борците од Велес, членови на семејствата на загинатите борци, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон” и политичките партии, денес оддадоа почит со што се одбележаа 71 година од загинувањето на борците учесници во граѓанската војна во Грција (1946-1949), како и 74 години од смртта на народната хероина Мирка Гинева.
Минатата година на спомен обележјето на борците од Егејска Македонија беше поставена биста на Мирка Гинева, дело на академскиот скулптор Перо Наневски. Додека пак посетата на болницата за белодробни заболувања во Јасеново и оддавањето почит пред спомен – плочата поставена во чест на ранетите борци Македонци и Грци, припадници на Демократската армија на Грција (ДАГ), учесници во Граѓанската војна во Грција, кои се лекувале, а дел од нив и починале во болницата, оваа година изостана поради почитувањето и придржувањето на протоколите кои поради актуелната ситуација со Ковид-19 го ограничуваат движењето во кругот на здравствените институции.
Можеби ќе ве интересира: