„Епл“ објави дека генерирал 119,6 милијарди долари во продажба и 33,92 милијарди долари профит во првиот квартал од својата фискална година, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, но цената на акциите сепак паднала, бидејќи инвеститорите биле разочарани од приходите од продажба на кинескиот пазар на паметни телефони, глобално најконкурентните, каде што се соочува со конкуренција од „Хуавеи“.
Продажбата на „Епл“ се зголеми во последниот квартал од минатата година за 2 отсто во однос на истиот период претходната година, со што компанијата го запре падот на продажбата по четири квартали, благодарение на продажбата на „Ајфон 15“. Истовремено, профитот се зголеми за 13 отсто.
Приходите од продажбата на „Ајфон“ во тој период достигнаа 69,7 милијарди долари или 6 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година, а тоа е повеќе од очекувањата на аналитичарите кои предвидуваа продажба од 67,82 милијарди долари. Сепак, на кинескиот пазар, продажбата на тој најпрепознатлив производ на „Епл“ достигна 20,82 милијарди долари, што е речиси три милијарди под очекувањата на аналитичарите.
„Задоволни сме со растот на приходите на „Ајфон“ од 6 отсто. Особено силен, двоцифрен раст на продажбата беше на пазарите во развој, со исклучок на Кина, и на тие пазари „Ајфон“ работи добро. Кина е најконкурентниот пазар на паметни телефони во светот и тоа не се промени“, изјави извршниот директор на „Епл“ Тим Кук во интервју за Ројтерс.
Цената на акцијата на „Епл“ падна за 1,2 отсто по објавувањето на деловните резултати. Во јануари „Мајкрософт“ го засени „Епл“ како највредна компанија во светот, додека инвеститорите веруваат дека „Епл“ заостанува во трката за употреба на вештачка интелигенција во споредба со другите технолошки гиганти од Волстрит.
Акциите на „Епл“ паднаа за повеќе од 3 отсто од почетокот на 2024 година, во споредба со 2 отсто добивка за С&П 500. „Каунтерпоинт Рисрч“ објави дека испораките на „Ајфон“ во Кина паднале во текот на кварталот, бидејќи кинеските потрошувачи барале нови телефони и мобилни телефони на склопување од „Хуавеи“, кој повторно го освои пазарот со водечки телефон напојуван со чип од домашно производство.
„Епл“ исто така објави дека има 2,2 милијарди активни уреди ширум светот, што е за 200 милиони повеќе отколку на крајот на 2022 година.
Можеби ќе ве интересира: