Водопадот на црниот камен кој ви кажува дали сте грешни, жената во бело која шета на полноќ покрај Вардар, детските гласови кои се слушаат под желeзниот мост, или германската „опседната“ куќа се само дел од многуте урбани легенди кои се дел од раскажувањата на велешани. Урбаните легенди, како такви, се легенди кои најчесто немаат автор и се пренесуваат од уста на уста. Ова се само дел, едни од најпознатите за градот Велес, пишува crnobelo.
Додека го поминував детството во Велес, немаше година а да не се појавеше некоја нова урбана легенда или некоја стара подзаборавена, па повторно откопана.
Исто како и со секој друг град, Велес изобилува со мистични приказни, кои се кажуваат само во ноќта, кои ти предизвикуваат морници. Има многу такви кои останале со мене по години и години од кога првпат сум ги слушнал. И секогаш има некое убаво чувство од страв, кога се навраќам на нив.
Четири морничави урбани легенди од Велес:
Црн камен
Црн камен е „мистично“ место во близина на Велес, на дваесетина метри од манастирот Свети Димитрија. Од врвот на карпата тече мал водопад, кој се верува дека има исцелителна моќ.
Оваа исцелителна моќ, се верува дека каменот ја добива како благодарност поради тоа што велешани го откопале затрупаниот манастир.
Имено, првата легенда вели дека околу 469 година, манастирот останал затрупан и велешани го заборавиле со текот на времето.
Според пренесената легенда, на стотина метри од манастирот, на десниот брег на реката Вардар, имало воденица која била во сопственост на едно турско семејство. Таму работел велешанецот Петре Здравев. Него на сон често му се јавувал Свети Димитрија и му велел да оди кај градските власти и да им каже дека се јавува светецот и бара да се откопа затрупаниот манастир.
На иницијатива на Здравев, чиј гроб денес се наоѓа на влезот во манастирот, манастирот бил откопан во 1855 година.
Сите посетители кои доаѓаат на тоа место поминуваат низ водопадот трипати, си замислуваат желба и земаат камче од земја. Ако им се исполни желбата, се враќаат по една година и го враќаат и камчето. Најчесто водопадот го посетуваат жени кои не можат да родат и брачни парови.
Костадинка (39) од Велес, кажува: „Јас верувам дека откако поминав низ водопадот останав бремена. Претходно со сопругот многу се мачевме. Одевме и во Скопје на асистирано оплодување и пиев разни чаеви, но ништо од тоа. Отидов кај водопадот, ги направив сите обичаи кои беа потребни и сега имам еве деветгодишна ќеркичка“.
Друга легенда вели дека ако поминете низ водопадот и водата ве заобиколи значи дека сте грешни и дека морате да поправите нешто во својот живот. Ако ве наводени, значи дека живеете живот кој му е угоден на Бога.
А, зошто се нарекува црн камен? Трета легенда вели дека таму биле заклани многу свештени лица од страна на Турците и поради нивната крв која се слевала, карпите останале црни.
Црн камен останува мистерија сама по себе. Што и да се случило и како и да се случило, не знаеме. Она што останува да се посведочи е дека црн камен е посетен и до ден денес, каде луѓето си бараат спас, утеха, надеж.
Жената во бело
Жената во бело се пренесува како трагична и тажна приказна чие дејство наводно се случило во 1910 година.
Имено, станува збор за млада девојка која била заљубена во сиромашно момче пекар. Родителите не ѝ дозволувале да се гледа со него, а камоли да благослови брак. И сето тоа бидејќи биле од угледна и богата фамилија.
Но и покрај тоа, заљубените се гледале скришно, без никој да знае. Со помош на нејзината сестра, девојката дури и скришум си купила убав бел невестински фустан.
Во глувите ноќи, во најтемните часови, двајцата заљубени се гледале скришно и многу често шетале покрај Вардар за никој да не ги види. Полека искраднувајќи се секојдневно од семејната куќа, девојката чекала момент да може да си го види нејзиниот љубен.
А и тој исто. Иако неговите родители не биле против нивната скришна врска и идни планови за брак, сепак му велеле да биде претпазлив.
Младите конечно решиле да зборуваат со таткото на девојката бидејќи не сакале повеќе да се кријат и сакале да бидат заедно, да создадат свој живот. Сакале нивната љубов да ја почувствуваат како света тајна брак, запечатена пред Бога. Но, нејзиниот татко не сакал да слушне ни збор – се разјарил и ги избркал.
Истиот ден, младиот пар решил да се венча во црква скришно, без никој да знае. Но, кога се враќале од црква каде разговарале со свештеникот за да ги венча, татко ѝ на девојката ги пресретнал.
Некако дознал за нивниот план (тука варираат причините – една вели дека ги следел, а друга легенда вели дека сестрата на девојката му кажала од љубомора) и го убил младото момче со пушка.
Скршена од болка и со огромна траума на плеќи, девојката се вратила дома разлудена. Вечерта, го облекла невестинскиот фустан и се фрлила во Вардар, од брегот каде најчесто шетала скришно со својот љубен.
И до ден денес се верува дека нејзиниот дух шета по истиот брег, чекајќи да дојде момчето за повторно да можат да бидат заедно.
Под железниот мост
За оваа случка има само една приказна, само една легенда, и таа останала таква уште од самиот почеток.
Се раскажува за макотрпниот процес на изградба на железниот мост во Велес. Имено, мостот првично бил изграден во 1922 од страна на Руси белогардејци. Потоа, срушен е на 8 ноември 1944 година, ден пред ослободувањето на Велес, заедно со Стариот мост и Малото мовче, кога Германците се повлекувале кон Скопје.
Истите луѓе инженери подоцна биле заробени и како казна пет години повторно го граделе. Како награда за успешно извршената работа, биле пуштени дома во Германија.
Кога мостот бил урнат од нивна страна, неколку мали дечиња си играле во близина. Голем столб се урнал врз нив и ги усмртил.
Кога повторно го граделе мостот, работниците им ги нашле телата, но за маката да не е поголема и да не добијат поголема казна, се раскажува дека им ги заѕидале телата во труповите на мостот.
Затоа, до ден денес некои веруваат дека се слушаат гласови како доаѓаат од внатрешноста на мостот.
Куќата над германските гробишта
За оваа куќа која се наоѓа во близина на Којник има многу легенди. Некои велат дека била изградена од Германци, а некои дека Германци живееле во неа.
Но, како јас ја знам, и по кажувањата на моите роднини кои се од тој дел на градот, случката била сосема поразлична: На тоа одредено место, семејство одлучува да изгради куќа. Куќата почнува да се гради, темелите да се поставуваат, ѕидови да се ѕидаат, кров да се става.
Во екот на сето тоа, фамилијата која ја гради куќата доживува катастрофална трагедија. Додека одат на излет во близина на Велес, автомобилот им застанува на пругата по која поминувал воз. Набрзина жената (бремена во тој момент) излегла од колата, но нејзиниот сопруг и малото дете не успеале да излезат и загинуваат.
По неколку месеци, скршена од болка, жената дознава дека на тоа место имало гробишта на убиени Германци и решава да ја запре изградбата на куќата. Затоа, до ден денес, куќата стои неизградена, а од неа некои уверуваат дека се слушаат гласови, лелекања, шепоти. На заробените души на Германските војници.
Урбани легенди за Велес има многу. Но, овде ќе застанеме, за да можеме убаво да ги впиеме овие приказни.
Вакви приказни се пренесуваат низ ноќта. Од уста до уста. Низ сето тоа пренесување може ќе се изгуби некој факт, но приказната останува иста. Со истата порака, со истата срж и истиот копнеж. За нешто изгубено, кое треба да биде вратено. За несреќна љубов. За живот потрошен.
Од другата страна на превезот, којзнае што нѐ чека во вечноста. Којзнае каде ќе одиме ние. Само знаеме дека овие приказни ќе останат засекогаш. Бидејќи каде има чад, таму има и оган.
Извор на веста: Crnobelo
Можеби ќе ве интересира: