Скопското јавно обвинителство до судот поднесе предлог бившата директорката на дерматологија Нина Цаца Билјановска да биде казнета со 10.000 евра, обвинета за пренесување заразна болест.
“По спроведена претходна постапка, основното јавно обвинителство денеска до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против поранешната директорка на ЈЗУ Клиника за дерматовенерологија при Универзитетскиот клинички центар “Мајка Тереза” – Скопје, која е обвинета за кривично дело – Пренесување заразна болест по член 205 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност”, соопшти Обвинителството.
Обвинетата Билјановска на 29 февруари оваа година, се вратила во државава од Италија преку граничниот премин Табановце. Но, таа постапила спротивно на мерките и заклучоците на Владата согласно мерката да сите граѓани кои се враќаат од ризичните земји со зголемен број заболени од коронавирусот, особено од Италија, имаа обврска да останат во домашен карантин во траење од 14 дена од денот на влегување во државава. Исто така, со заклучоците на сите вработени во државни и локални институции и приватни претпријатија им беше наложено, доколку во претходните две недели патувале или живеат со некој што патувал во земјите од среден или висок ризик за ширење на заразната болест, да не доаѓаат на своите работни места и за тоа да ја известат институцијата каде работат.