Адеми: Учебната година продолжува онлајн

Учениците од утре се враќаат на настава. Но, наместо во училници, пред компјутер. На интернет ќе продолжи учебната година, училиштата сами ќе треба да ја организираат наставата на онлајн, а Владата ќе понуди платформи за поддршка, соопшти денеска министерот за образование Арбер Адеми.

Zito akcija 640x289px

„Опфатени се видео конференциските форми, електронската пошта и слични опции, кои овозможуваат настава без физичко присуство на засегнатите. Наставниот кадар ќе организира вежби, проверки и објективни тестови на знаењето на учениците. Бирото за развој на образование веќе изработува упатство за начинот на оценување и наставниците ќе добијат инструкции“, рече Адеми на денешната прес-конференција.

Agria

Првата национална платформа за е-настава, која ќе биде достапна на адресата www.eduin.gov.mk ќе се отвори од утре. На неа ќе се прикачуваат видео лекции за сите задолжителни предмети, за сите одделенија. Лекциите ќе траат 15 минути и ќе бидат со видео нарација од наставници, кои доброволно ќе се понудат да ги снимаат.

„Ние ги информиравме сите училишта, со апел до наставниците да се вклучат во оваа иницијатива. Досега се пријавени 600 наставници. Сите добија обрасци и упатства за подготовка за видео лекции и видеата веќе пристигнуваат и се проверуваат. Секако очекуваме бројката драстично да расте во следните денови“, рече Адеми.

Арбер Адеми – министер за образование

Адеми добил мислење од неговиот колега кој го води ресорот за информатичко општество Дамјан Манчевски дека целата територија на државата е добро покриена со интернет. Се размислува и за опција за доделување на ваучери за да се приклучат на интернет оние семејства кои во моментов не можат да си го дозволат тоа.

Адеми вели дека универзитетите веќе почнале без проблем да ја спроведуваат онлајн-наставата, но, очекува дел од училиштата сепак да се соочат со предизвици. Тој апелира сите кои би имале проблем за следење на онлајн-наставата да се пријават во Министерството за образование.

Сите одлуки се донесени од страна на Владата, со уредби, со што овие мерки стануваат законски, рече Адеми. Целата прес-конференцијата на министерот може да ја погледнете во видеото во продолжение.

Целата прес конференција на министерот за образование Арбр Адеми погледнете ја тука: