На социјалните мрежи објавена е фотографија од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и генералниот секретар на партијата во угостителски објект во Приштина, пренесува Макфакс.
„Утринско кафе во Приштина со лидерот на народот, татковината и албанската нација, мојот пријател Али Ахмети и генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети“, пишува во објавата на социјалните мрежи.
Претходно, во Косово замина и најблискиот соработник на Ахмети, Артан Груби, кој се бара поради случајот со криминалот во „Државната лотарија“. Обвинителството вчера побара притвор за поранешниот вицепремиер, а во моментот се чека одлуката на судот.
Во земјата не е ниту првоосомничениот, ексдиректорот на „Државната лотарија“, Прперим Бајрами, за кого некои од медиумите објавија дека исто така се наоѓа во Косово.