Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) подготвува изборно Собрание, спротивно на Законот за спорт, тврди Агенцијата за млади и спорт (АМС), откако во земјава се одржаа неколку Собранија на Општинските фудбалски сојузи (ОФС), на кои беа избирани делегати за претстојното изборно Собрание на ФФМ, меѓу кои и во Велес.
Од АМС велат дека и понатаму продолжуваат неправилностите во работата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) спротивни од Законот за спорт, утврдени со инспекцискиот надзор извршен на пред две години, што со други зборови значи дека новиот директор Наумче Мојсовски продолжува по стапките на претходникот Дарко Каевски во обидот да се средат работите во македонскиот фудбал.
Куќата на фудбалот во изминатиов период го обжалила решението за исправање на најдените недостатоци, но тоа е отфрлено од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка, со што Решението станало правосилно и извршно. и против него не е дозволена жалба.
„Имајќи предвид дека и по предвидениот рок за постапување по Решението, ФФМ не постапи согласно наводите и диспозитивот на решението, туку спротивно на тоа продолжи да функционира со истиот Статут, кој е спротивен на Законот за спорт и со позитивното право и спротивно на решението донесено од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка. Имено, во овој период кога истекува мандатот на функционерите во ФФМ (делегати, членови на УО и застапникот) започнати се активности со цел одржување изборно Собрание, коешто е спротивно на Законот за спорт и позитивното право во државата. АМС како орган на државната управа, надлежен за работите од областа на спортот, презема активности и дејствија согласно горенаведеното Решение и од сите спортски субјекти бара безусловно почитување на позитивните прописи и нема да дозволи и нема да толерира непочитување и постапување спротивно на она што налагаат одредбите од Законот за спорт“, се вели во известувањето на АМС.
Реакцијата на предводниците на највисокиот државен орган во спортот кај нас доаѓа по неколкуте Собранија на Општинските фудбалски сојузи (ОФС), на кои беа избирани делегати за претстојното Изборно собрание на ФФМ, а кои предизвикаа бура во јавноста поради начинот на кој беа одржани. Според Решението од инспекцискиот надзор, кое сега е правосилно односно ФФМ мора да го исполни, мора да се направат целосни промени во начинот на избор на раководството во Куќата на фудбалот, односно сегашниот систем со делегати треба да се замени со Собрание во кое ќе бидат членови клубовите, нешто што со години наназад постои во кошарката и во ракометот.
АМС на крајот известува дека за сите понатамошни активности, кои ќе бидат преземени согласно Законот за спорт и позитивното право во државата, целата спортска јавност ќе биде навремено известена.
Пред една недела ОФС Велес одржа изборно Собрание на кое избра четири делегати кои ќе го претставуваат Сојузот на изборното Собрание на ФФМ. На изборот реагираше првиот човек на ФК Борец, кој обвинит дека изборот е спротивен на Законот за спорт и дека според него, клуб кој се натпреварува во Првата македонска удбалска лига, мора да има свој делегат во ФФМ. Во спротивно, тој најави дека ќе престане да го финансира ФК Борец.
Оваа најава наиде на бура од реакции во медиумите и на социјалните мрежи, а поддршка за Анѓушев изразија и фудбалерите на Борец. Навивачката група „Гемиџии“ за денеска во 16 часот, закажаа мирен протест пред театарот „ЈХК Џинот“ во Велес, во поддршка на ФК Борец.
Можеби ќе ве интересира: