Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски ја продолжува успешната промоција со проекцијата во рамките на Off програмата на 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
– Погледнете ја проекцијата на играниот филм „Дедо и внук“, во режија на Илија Пиперковски и кинематографија на Патру Паунеску. Приказната е раскажана преку очите на човек што ги цени вредностите на неговиот дедо и се бори да живее според нив. Филмот е семејна емотивна драма, огледало на секојдневниот живот на едно македонско семејство, потенцираат во најавата од „Браќа Манаки“.
Филмот на Пиперкоски е добитник на бројни награди во земјата и странство, меѓу кои и наградата за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон, The Buddha International Film Festival, наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот филмски фестивал во Париз, две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival, награда на TIFF -Tre International Film Festival во категоријата играни филмови и многу други.
Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ од Романија. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков. Финансиски е помогнат од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Проекцијата на филмот е вечерва со почеток во 20:30 часот на терасата пред Офицерски дом во Битола.
Можеби ќе ве интересира: