Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, која денеска е во официјална посета на Скопје, изрази задоволство од евроинтеграциите во земјава и порача дека треба да се искористат сите расположливи средства за тие да продолжат.
На заедничката прес-конференција со нејзиниот македонски колега Бујар Османи таа истакна дека се свесни за направените компромиси, прво со Грција, а сега со Бугарија.
„Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесен за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои се уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура“, рече Бербок.
Според неа, затоа е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.
Македонија, по двегодишното бугарско вето, лани ги започна преговорите за влез во ЕУ, но со услов дека мора да ги внесе Бугарите во својот устав.
Како што истакна Бербок, договорената промена на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите на партиите.
Бербок на заедничката прес-конференција додека дека ако не сакаме сите млади да одат во Европа, тогаш Европа треба да ја донесеме овде.
Османи, од своја страна, посочи дека германската министерка доаѓа во клучен период за земјава, кога Севера Македонија претседава со ОБСЕ и со две регионални платформи оваа година, што зборува, како што истакна, за новата регионална позиција на земјава.
Според него, 2030 е амбициозна, но остварлива цел за интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан.
Можеби ќе ве интересира: