Четворица велешани заразени со коронавирус се регистрирани во последните 24 часа, соопшти градоначалникот на Велес Аце Коцевски, по утринскиот состанок на Кризниот штаб. Батали.нет дознава дека еден од заразените е медицинско лице вработено во ГОБ 8 Септември во Скопје.
Со новозаразените, од почетокот на епидемијата до денеска регистрирани се 149 инфицирани велешани. Од нив 110 го прележаа вирусот, 10 починаа, а активни се 29 случаи. Од нив, 10 се лекуваат во велешката болница, 14 се на домашно лекување, тројца се хоспитализирани во ГОБ 8 Септември во Скопје, еден на инфективната клиника во Скопје и еден заразен се наоѓа во државен карантин.
Кризниот штаб состојбата со коронавирусот во Велес ја оценува како стабилна и позитивна и затоа донесе одлука да олабави дел од мерките.
“Малото пазарче и понатаму ќе биде затворено, додека на главниот пазар ќе се дозволи продажба и на земјоделски и на текстилни производи. Местоположбата на тезгите се враќа во нормала, односно тие не мора повеќе да бидат разредени, туку ќе може да се постават една до друга. Сепак, вработените од ЈКП Дервен ќе внимаваат колку купувачи влегуваат. Контролори редовно ќе контролираат дали се носат маски”, рече Коцевски.
Поврзани вести: