Денеска, судијата Ивица Стефановски во Основниот кривичен суд – Скопје ќе ја изрече пресудата за еден од најмонструозните случаи во поновата историја на Македонија – грабнувањето и ладнокрвното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Злосторствата беа извршени на 22 и 27 ноември 2023 година, а јавноста веќе со месeци живее во исчекување на судскиот епилог.
Обвинети за свирепите убиства се Љупчо Палевски – Палчо, лидер на мала политичка партија од Скопје, неговите сопартијци Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, Влатко Кешишев од Штип, како и Александар Ѓорчевски – таткото на убиената Вања, кој се товари за помагање во нејзиното грабнување.
Јавното обвинителство располага со обемни и тешки докази против обвинетите, меѓу кои се признанијата на Кешишев и Манев, телата на жртвите, ДНК траги од Манев на лепливата лента со која била залепена устата на девојчето, како и ДНК од Манев, Кешишев и Видевски пронајдени во второто возило што било користено за грабнувањата – „рено кангу“.
Како клучни докази се наведуваат и видеоснимки од полициски и приватни камери на кои се гледа движењето на „цитроенот“ и „реното“ пред и по убиствата, како и снимки од пред куќата на Велибор Манев во Велес, на кои обвинетите се гледаат како се подготвуваат за извршување на злосторствата со употреба на радиостаници, туби со бензин, лопати и алат за копање.
Во завршниот збор, Велибор Манев го шокираше судот кога го откри името на човекот што, според него, го криел пиштолот со кој биле извршени убиствата – Зоран Давитков, техничар во Народната банка. Против Давитков веќе е отворена посебна постапка за наводна помош при киднапирањето и ликвидацијата.