Денеска е Прочка или Велики Поклади, празник меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден.
Проштевањето е обичај прифатен под влијание на црквата, додека гатањата, карневалите и слично се остатоци од претхристијанските предпролетните забави. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св.Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници.
Денес, на Прочка, според традицијата, помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот. Она што денеска треба да се стави на трпезата се јајца и сирење.
За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение.
А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на Велигден.
На овој ден е забрането да се биде лицемерен, да се предизвикуваат кaвги и разни кoнфликти. Не смеете да одбиете да простите и треба да им помагате на луѓето. Чистењето на куќата може да се одложи за следниот ден, за овој ден да можете да му се посветите на празникот. Најважно и најосновно е во недела да одите во црква, да се помолите за прошка и да запалите свеќа. Најважно од сè е да побарате искрена прошка!
Можеби ќе ве интересира: